Град Скопје и ЈП Водовод и канализација годинава започнуваат со реализација на проектот за изградба на Пречистителна станица за третман на отпадни води – Скопје, како најголем еколошки проект за Скопје и скопјани, проект во вредност од 136 милиони евра, соопштуваат од Град Скопје, потенцирајќи дека со проектот ќе се прочистат 90% од водите во градот.

Денеска во просториите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, се отворија тендерските понуди за дизајн и изградба на оваа пречистителна станица на која присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински и претставници на Европската Делегација, Европската Банка за Обнова и Развој, Европската Инвестициона Банка и Инвестиционата рамка за Западен Балкан (WBIF) – ИФИ Канцеларијата за координација (IFICO), велат од Град Скопје.

Градоначалничката Арсовска истакна дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошко-капитален проект за Скопје и скопјани, додавајќи дека на овој начин конечно ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите.

– Со изградба на оваа пречистителната станица за третман на отпадни води, Скопје конечно има можност да се развива во еколошка метропола која се грижи за животната средина и се грижи за скопјани. Ако до сега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да делуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но пред се, да обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да го подобриме квалитетот на живот на скопјани, рече Арсовска.

На настанот се обрати и претставникот на Европската Инвестициона Банка (ЕИБ), г. Алесандро Брагонзи кој истакна дека овој проект е од огромно значење за жителите и за градот Скопје со цел заштита на животната средина и решавање на проблемот со отпадните води.

Директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински во своето обраќање ги презентираше постапките на реализација на овој значаен еколошко-капитален проект, осврнувајќи се на важноста на изградбата на пречистителната станица, за која вели дека не само Скопје, туку и градот ќе има над 90% прочистени води. Тој истакна дека иницијативата за ваков тип проект потекнува уште од 2007 година, а годинава ќе започне изградбата на пречистителната станица. Пречистителната станица за отпадни води – Скопје ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет од еквивалент 500.000 жители.