Вкупно 828 случаи, според вчерашните официјални бројки, на коронавирус се регистирани во Македонија.

Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 19 градови низ државата.

Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје и Куманово, додека највисок леталитет (со исклучок на странскиот државјанин од Кавадарци) се регистрира во Струга и Тетово, според податоците објавени од Институтот за јавно здравје.

Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 386 машки и 442 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 37,2/100.000, додека кај женските 42,8/100.000.

Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години. Најголем број на заболени се на возраст од 50-59 години – 176 (21,3%), каде е регистрирана и највисока специфична инциденца – 63,3/100.000.

Од пријавените случаи, 23,1% се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле/се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (63,7%), кашлица (58,0%), слабост (34,3%), треска (19,4%), болка во грло (15,4%), отежнато дишење (15,2%) и главоболка (12,8%), а 257 лица се/биле без симптоми.

Во однос на коморбидитети, кај 231 лице се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 157 лица имаат кардиоваскуларна болест, 49 лица се со хронична белодробна болест, 47 со дијабет, 15 со хронична бубрежна болест и 32 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 94 се присутни коморбидитети.

Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Од починатите, кај 26 се регистрирани коморбидитети, а 19 лица имаат контакт со веќе потврден случај на COVID-19.

Проценката на ризик на СЗО на глобално ниво и на ниво на Европски регион за понатамошно ширење на COVID-19 кажува дека ризикот е многу висок.

Според категоризацијата на ризикот од СЗО, се проценува дека:

  • Дебар е во фаза 4 (широко-распространета трансмисија во заедницата).
  • Скопје е во фаза 4 (широко-распространета трансмисија во заедницата).
  • Куманово е во фаза 4 (широко-распространета трансмисија во заедницата).
  • Останатиот дел од Република Северна Македонија е во фаза 3 (локализирана трансмисија).