Денешното обраќање до македонската јавност може да биде насловено како: Трошење буџетски пари како да ќе нема утре или Зошто владата на Македонија, предводена од СДСМ, предоцна и премалку, засега само на хартија, нуди помош за македонските граѓани и претпријатија во борбата со актуелната тешка економска криза?, ова деска преку прес-конференција го прашува Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.
-Или пак прашањето може дополнително да се преформулира како: Зошто Владата на Македонија ја зголемува акцизата на горивата, кога други земји ја намалуваат како антикризна мерка во истиот период? Одговорот на прашањето, почитувани, лежи во податоците за приходите и расходите во државниот буџет за првите три месеци од годинава, објавени во понеделникот од страна на Министерството за финансии. Да потсетиме, во периодот јануари-март 2020 година остварениот буџетски дефицит изнесува 7,4 милијарди денари, што претставува 42,6% од вкупниот планиран дефицит за 2020 година. Ако оваа цифра се стави во однос со БДП за 2020 година според новите, кризни проекции, произлегува дека во првите три месеци од годинава е реализиран буџетски дефицит, т.е. акумулиран нов јавен долг, за над 1% од БДП, или нови 120 милиони евра. Нов долг за секое македонско семејство во просечен износ од 15.000 денари. Ова безмилосно трошење на средствата на македонските плаќачи на даноци е невидено во поновата историја на земјата. Да не одиме подалеку, во трите изминати години пред оваа, 2020 година, од кои некои се и изборни години, просекот на остварен буџетски дефицит во првото тримесечје, како разлика меѓу буџетските приходи (или чергата популарно кажано) и буџетските расходи (или нозете), изнесува околу 18% од планираниот дефицит за цела година, наспроти веќе спомнатите 42,4% во тековниов период. Што може да се види од графиконите на панелот. Само во март оваа година, кога бројот на заболени од новиот корона вирус растеше од ден на ден и беше сосема јасно дека е на повидок сериозна економска рецесија, владата потрошила за 50 милиони евра повеќе од остварените приходи, од кои ниту еден денар не е наменет за поддршка на македонските граѓани кои останаа без работа и за македонските претпријатија кои сé помасовно започнаа да ставаат клуч на врата. Значи, средства од близу половина процент од БДП на земјата, се расипнички потрошени за предизборен поткуп, кога светските медиуми ја вбројуваат Македонија како земја која издвоила најмалку средства за борба со последиците од пандемијата предизвикана од новиот корона вирус. Само 0,2% од БДП. Дури и овие средства фирмите ќе почнат да ги користат од наредниот месец, во мај, вели Славески.
Тој додава дека цифрите јасно говорат дека безмилосно се трошеле буџетски пари како да ќе нема утре. И тоа во период кога речиси сите земји во светот се дадоа на рационално користење на расположливите фондови за да можат на соодветен начин да ги поддржат своите граѓани и претпријатија во борбата за зачувување на здравјето, животите, работните места и живејачката. Парите отишле во ветер за откуп на гревовите направени во изминатите три години, во надеж дека граѓаните ќе се откажат од намерата да ја казнат власта на претстојните избори за лошото владеење и направените немерливи штети.
-Се трошело за плати за нови партиски вработувања во преоптоварената јавна администрација, и за алиментирање на растечките социјални трансфери. Ова повисоко трошење воопшто не е поврзано со последиците од здравствената криза. Загрижува податокот за високиот годишен пораст од дури 18% на ставката „други трансфери“, ставка позади која се кријат сериозни намери за предизборен поткуп на гласачите. До 31 март, последната дата за која се однесуваат податоците, ниту еден денар не беше насочен за борба со последиците од здравствената криза. Ниту еден евро не се одвои за приватниот сектор во текот на овој период на бесполезно задолжување, а мерките за кредитирање на компаниите се претставуваат со помалку од 1% од бројот на активни претпријатија за 2019 година се околу 76.000 претпријатија. Натамошната анализа на состојбите во државниот буџет во првите три месеци од годината укажува на уште еден поразителен факт, кој стана еден од белезите за бројните промашувања на владата предводена од СДСМ, на економски план. Имено, и во услови на безмилосно трошење буџетски пари во првото тримесечје, процентот на реализација на капиталните расходи од само 8,45% еден од најниските во историјата на независна Македонија, што може да се види на еден од графиконите на панелот. Практиката парите наменети за подобрување на условите за живот на граѓаните да се пренаменуваат за политички поткуп, сега само ја достигнала својата кулминација. Со најновата вест за пренамена на кредитот од Светска банка во износ од околу 50 милиони евра, кој првично беше предвиден за изградба и рехабилитација на локални патишта во земјава, значи за есенцијална инфраструктура која значи живот за голем број наши сограѓани, владата, соочена со празен буџет, од немајкаде, со тие средства, наместо да гради патишта и со тоа да ја стимулира градежната активност, ќе исплаќа средства за плати во претпријатија погодени од кризата. Последиците од ваквиот пристап се економски штетни на краток и на среден рок. Сето ова, почитувани, се прави додека повеќето од земјите веќе развиваат планови за справување со различните сценарија околу исходот на економската криза, а нашата влада се уште тапка во место со реализација на основната помош за граѓаните и претпријатијата, потенцира Славески.
Тој додава дека и покрај направените штети, почитувани, сепак не треба да ја губиме надежта. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе направи напори колку што може повеќе да ја намали штетата од ваквото несовесно и нечесно работење на сегашната влада, и ви ветувам дека ќе ја закрепнеме економијата набрзо по смената на власта на претстојните парламентарни избори.