Клиничката болница-Штип доби согласност за вработување на 18 луѓе. Директорот Ален Ѓеорѓијев вели дека огласот е во тек и се очекува наредната недела да се изврши изборот на потребните кадри.
„Добивме согласност за вработување на пет доктори, пет болничари, пет хигиеничари и по еден водоинсталатер, парноложач и електричар, вкупно 18 нови вработувања, во тек се огласите и очекувам на почетокот на наредната недела да го извршиме изборот“, вели Ѓеорѓијев за МИА.
Посочи дека ова е втор оглас за вработување годинава, но проблемот со недостаток на кадар во болницата останува. На почетокот на годината во оваа болница нестасуваа над сто вработени, лекари, медицински сестри и технички кадар.
„Секој месец имаме луѓе коишто заминуваат во пензија, така што бројката се зголемува. Сега успеавме некако да го ублажиме тој недостаток и се надеваме дека другата година ќе добиеме повеќе вработувања, па ќе може да се стабилизираме“, изјави Ѓеорѓијев.
Забележа дека медицински сестри и помошен технички персонал недостасуваат на сите одделенија, а лекарски кадар на одделенијата за анестезиологија, ортопедија и очно. Ѓеорѓијев истакна дека очекуваат од Фондот за здравствено осигурување да им се одобри и буџетот за 2024 година, а годинава имаат побарано буџет вреден околу 690 милиони денари.