Триесет пациенти со трансплантирани бубрези живеат во страв дека повторно можат да се вратат на апаратите за прочистување на крвта. Веќе еден месец на Нефрологија ја нема терапијата која е неопходна за организмот да не го исфрли донираниот орган.  26 годишниот Илија Стамков од Неготино е еден од нив. Тој од дијализата се спасил пред 7 години благодарение на бубрегот од мајка му. Се пожали дека сега живее во неизвесност.  Дели лекови со останати пациенти за да го задржи бубрегот.

– Ни рекоа ќе има дури во семптември лекови. Проблем е тоа за нас, се снаоѓаме бидејќи може па да се вратиме на дијализа и затоа си делиме лекови. Ако не ја пиеме редовно ќе дојде до губење на органот.

Стамков признава дека некои пациенти одат по терапијата во странство, но за тоа треба да издвојат најмалку 400 евра. Замената на лекот што им ја нудат од Нефрологија не била прифатена од сите пациенти.

-И докторите што не водат велат дека терапијата на замена може да предизвика нус појави и ни велат дека е ризик примањето. Тоа не е оригинал терапија.

Не може за трансплантација да бидат фрлени толку многу пари и сега за банална работа да се вратиме на почеток, реагираат од здружението за бубрежно болни НЕФРОН.

Не се работи за тоа дали ќе се увезе лекот или не, огромни финансиски средства се одвојуваат за трансплантација а потоа за банална работа може да се вратиме на почеток. Апелираме надлежните да ја завршат работата благовремено, се знае точниот број на пациенти и лекот и нема да дозволиме да се игнорираат пациентите. И додека во други земји земаат нови генерички лекови, ние не може и постојните да ги добиеме, велат од НЕФРОН.

Министерот Филипче е запознаен со проблемот а средба со него бараат и пациентите со трансплантирани органи.