Соините шницли и трошки на „Виталиа“ содржат ГМО. Ова го потврди и суперанализата што ја побара компанијата. Како што информира Агенцијата за храна и ветеринарство, резултатите од суперанализите на сојата, кои се вршеа во референтна лабораторија во Европската Унија, ги потврдија резултатите на првичната анализа со која Агенцијата пред два дена откри дека нивните производи се генетски модификувани. Соините шницли и трошки се продавале во маркетите „Кам“, а се увезени од Србија.

„Производител на сојата е компанијата ‘Сојапротеин’ од Бечеј. Шницлите се увезени од „Виталиа“, додека пак трошките ги увезла компанијата ‘Сопродекс’. Мострите од двата производи беа земени во рамки на мониторинг-програмата за безбедност на храната“, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму посочуваат дека и увозниците и маркетот ќе добијат парични казни до 5.000 евра, а казна ќе добијат и одговорните лица во овие компании.

Дел од ГМО-производите од соја се затекнати во магацин, а дел веќе биле на полиците на маркетите. Во моментов сите 510 килограми се повлечени од продажба и се наоѓаат под официјален надзор, а од Агенцијата велат дека деновиве ќе бидат уништени.

Ќе се уништат и 550 килограми ориз, по потекло од Кочанско, произведени од увозен семенски материјал, за кои исто така се потврди дека се ГМО. Од Агенцијата за храна велат дека веќе подготвуваат план за контрола за присуство на ГМО кај годинашнава нова реколта ориз која се произведува во земјава. Безбедноста на нивите во Кочанско ќе биде цел на анализа и на Министерството за животна средина, кое, според Законот за генетски модификувани организми, треба да го испита влијанието на ГМО врз околината.

Од Министерството за земјоделство информираат дека обезбедувањето на безбедна и квалитетна храна е нивна стратегиска цел, а токму во таа насока е и контролата на АХВ и јавното изнесување на податоците. Во моментот, според информациите, во Македонија нема увезено ГМО-семенски материјал од ориз. Во текот на наредните денови ќе се проверуваат и увезени пратки од претходно, дали содржат таков семенски материјал од ориз.

Во Македонија производството и увозот на ГМО-храна е забрането со закон во 2015 година. Претходно законот дозволувал производство на ГМО-храна во одредени количини, а присуството морало да биде наведено на декларацијата, за да може потрошувачот да одлучи дали ќе го купи производот. Од АХВ посочуваат дека ГМО-храната не се препознава по вкусот или по изгледот, туку се докажува само со лабораториски анализи.