Младите доктори по медицина, откако ќе дипломираат на медицинските факултети во земјава и се стекнат со лиценца за работа како општо лекари, нема да можат веднаш да запишат специјализација како до сега, туку ќе мора прво да имаат шестмесечна пракса во село, итна помош или во поликлиника, предвидуваат измените на Законот за здравствена заштита кои денеска се разгледуваа на собраниската Комисија за здравство.

Во образложението на законските измени нема објаснување зошто оваа измена се прави, а од Министерството за здравство побараа писмено да им пратиме прашање за да дадат објансување.

Со оваа измена се очекува да се прекине праксата во која младите лекари веднаш по дипломирањето бараа работа директно на скопските клиники. На овој начин ќе се обезбедат и лекари во службите и секторите за здравствена заштита за кои постои помал интерес кај младите доктори.
„Измената ќе важи за сите специјализации, и приватни и државни, затоа што тоа е услов кој треба да биде исполнет. Целта на оваа измена е, по завршувањето на факултетот и спроведувањето на задолжителниот стаж и стекнувањето на лиценца за работа, а пред запишување на специјализација, лекарите да имаат искуство во обезбедувањето на здравствена заштита на примарно ниво, односно по завршувањето на високото образование, лекарите да не се запишуваат веднаш на специјализација, туку претходно да имаат работно искуство минимум 6 месеци“, објаснуват од ресорното министерство.