Младите специјализантите по стоматологија кои наназад со месеци очекуваат разрешница на нивното барање, денеска излегоа на мирен протест пред Министерството за здравство. Нивното барање е валоризација на нивниот труд,  финансиски надоместок исто како што добиваат приватните специјализанти по медицина. Мирниот протест доаѓа по осуммесечните преговори и ветувањa дека од септември ќе почне исплатата и за нив. На ветувањата нема крај, за исполнување не станува збор.

„Имавме повеќе средби , ни ветуваа дека ќе добиеме надомест за нашиот труд и дека тоа ќе почне од септември. Но, на последната средба советникот на министерот ни соопшти дека пари нема“, изјави Елена Лазаровска специјализант по стоматологија.

Во моментот на стоматолошките клиники има запишано 43-ца специјализанти стоматолози кои секојдневно ги извршуваат своите работни обврски со пациенти. Тие бараат да бидат изедначени со нивните колеги и да им се исплатат финансиски средства сега на  почеток на новиот семестар поради подмирување на трошоците за специјализација како и сите оние кои се финансиски товар на младиот специјализант.

Вчера министерот Филипче изјави дека пари ќе бидат обезбедени и тие ќе почнат да добиваат финансиски надомест од октомври. Меѓутоа изгорени од многуте ветувања, без реализација и влечењето за нос до бескрај. Специјализантите бараат гаранција за тоа што го ветил министерот, овој пат написмено.

„ Ние  бараме конкретен договор на писмено за ова ветување. Ова е една мерка за нас младите стоматолози да не задржат во државата и да не се иселуваме масовно во странство“, изјави Лазаровска во име на сите приватни специјализанти по стоматологија.

Претходно, беше испратено писмо и до премиерот Заев, на кој се надеваат да го реши нивниот проблем. Тие само посакуваат еднаков и рамноправен третман за сите специјализанти, ништо повеќе.