Србија е на првото место во Европа, а на четвртото во светот, според бројот на нови случаи на коронавирус на милион жители во последните седум дена, покажуваат најновите податоци на страницата worldometers.info.

Со 5.509 новозаразени на милион жители, Србија ја надмина Црна Гора (4.976), потоа Литванија (3.783) и Велика Британија (3.552). Меѓу првите десет земји по тој параметар се уште две земји од поранешна СФРЈ – Словенија на осмото место и Хрватска на десеттото место.

Во последните седум дена, во Србија се регистрирани вкупно 47.897 нови случаи на коронавирус, а најголем број нови инфекции на седумдневно ниво во Србија е регистриран во периодот од 28 ноември до 4 декември минатата година, кога беа откриени 50.946 нови случаи. Според последните податоци, само денеска во Србија се регистрирани 7.549 нови случаи на коронавирус, а како резултат на инфекцијата, починаа 47 пациенти или вкупно 8.234.

Здравствениот систем станува се пооптоварен, има турканици во ковид амбулантите, како и се повеќе пациенти во болниците и на апарати за дишење. Вирусологот Тања Јовановиќ за РТС изјави дека Србија е во драматична ситуација во врска со пандемијата на коронавирус, дека во овој момент е предоцна воведувањето на ковид пропусници и дека приоритет треба да биде масовната вакцинација со прва доза.

Рестриктивни мерки, како што кажа, ќе бидат затворање на кафулиња, ресторани, освен аптеки, бензински пумпи и продавници за храна, по 17 часот, додека не се намали бројот на заразени лица.