Пеколни горештини, слаба финансиска можност за граѓаните да одат на летовање надвор од границите. Истражувањето на Евростат Македонија ја стави на врвот на листата на држави, чиишто две третини, односно 65,3 % од жителите, не можат да си дозволат одмор на море.

Тие што годинава нема да можат да си дозволат освежување на плажите, спасот од горештините очигледно ќе го најдат во парковите покрај фонтаните или дома ако просториите им се климатизирани.

Нискиот животен стандард, според граѓаните, е показател за високиот процент од популацијата што не може да си дозволи одмор, но сите не мислат исто.

Идентичен висок процент на граѓани, односно 62,8 проценти од србите исто така не можат да си дозволат одмор надвор од границите. Според Евростат најдобра е состојбата во Норвешка, каде што само шест отсто од жителите не можат да дозволат седумдневен годишен одмор во странство. Зад Норвешка е Шведска, па Шпанија. Додека, од членките на Европската унија, најлошо е во Романија, каде идентично како во Македонија и таму две третини од населението не може да си дозволи одмор надвор од границите. Слично е и во Хрватска.

Сепак, генерално процентот на луѓето коишто не можат да си дозволат еднонеделен одмор надвор од границите на татковината, конкретно во земјите во ЕУ е во пад. Ако во 2011 година просекот бил 38 проценти, во 2016 е 32,9 отсто.

За Турција, пак, последни податоци се достапни за 2015, за кога 71,5 проценти од населението немало пари за седум дена одмор во странство.