Два од три пациенти со коронавирусот, односно 65 отсто од нив продолжуваат да го пренесуваат вирусот пет дена по појавата на симптоми, покажуваат резултатите на новата студија која ја спроведоа научници од Велика Британија. Според експертите, секој четврти пациент (24 проценти) е заразен дури и седум дена по првичните симптоми, иако со намалено вирусно оптоварување. Просечното времетраење на заразноста е пет дена.

Студијата, исто така, покажа дека само еден од пет е заразен пред да се појават првите симптоми – кашлица, треска, губење на вкус/мирис, болки во грлото, болки во мускулите, главоболка, губење на апетит… Студијата покажала и дека се појавуваат почетни симптоми во просек три дена пред врвот на вирусното оптоварување.

Истражувањето исто така покажа дека таканаречените тестови за латерален проток или брзите тестови се помалку точни во првите денови од инфекцијата, давајќи лажно негативни резултати во околу една третина од случаите во раните фази на болеста. Наместо тоа, тие се многу попрецизни (92%) во откривањето дали некој престанал да биде заразен на крајот од нивната болест, за да можат да ја прекинат својата изолација.

Истражувачите од Империјалниот колеџ во Лондон, кои објавија релевантна публикација во медицинското списание „The Lancet Respiratory Medicine“, проучуваа 57 луѓе со дневни тестови за корона вирусот и прашалници пред, за време и по дијагнозата на инфекција со Ковид-19.

Проценката на вирусното оптоварување се смета за клучен показател за инфективноста и преносливоста. Целта на истражувањето било точно да се идентификува почетокот и крајот на периодот кога лице заразено со коронавирусот може да го пренесе на други.

Во многу земји, препораката на здравствените власти е кога некому ќе му биде дијагностициран коронавирусот, да се самоизолира пет дена, а потоа уште пет дена да избегнува да се среќава со ранливи лица – стари лица, лица со намален имунитет, и слично.