Во последна фаза се истражувањата кои покажуваат дека мајчиното млеко содржи супстанца која може да помогне во лекувањето на малигните болести, вели проф. д-р Аспазија Софијанова , претседател на Здружението на педијатри и раководител на Одделот за интензивна нега на Детската клиника. Во рамки на одбележувањето на Светската недела на доењето, Софијанова говори за предностите и бенефитите од доењето, за мајчиното млеко како природен антибиотик, како и за препораките за ексклузивно доење во првите шест месеци од раѓањето на детето.

-Светските истражувања покажуваат дека делови од мајчиното млеко може да послужат доколку се екстрахираат и се употребат за лекување на одредени малигни болести, особено кај канцер на кожа, но тоа е во фаза на истражување. Порано, знаете со мајчино млеко постарите лекувале рани, конјунктивитис… Медицината бара студии од повеќе држави и потоа се собираат резултати , веќе сме во последните фази да докажеме, за кои одредени болести ќе може да помогне, а за кои досега немало лек, вели Софијанова.

Во Македонија официјално се уште нема отворено банка за мајчино млеко која е особено потребна за предвреме родените деца, но и за бебињата чии мајки не се во можност да ги дојат.

-Има мајки кои го оставаат млекото во специјални фрижидери и преку сонда го даваме или преку шише за да детето го прими екстрактот од млекото што има најмногу липиди и јаглехидрати потребни за растот и развојот на детето во инкубатор, но и за секое дете.

Во банката за млеко веќе е пастеризирано и тоа се прави специјализирано. Такво нешто има веќе Институтот за неонатологија во Белград, а постепно и ние правиме обиди да направиме банка за млеко кое нема да биде само за одредена релација мајка-дете туку и за мајките кои немаат млеко. Со тоа природниот антибиотик ќе се овозможи и за другите деца, потенцира д-р Софијанова.

Во однос на доенечката смртност, Софијанова оценува дека влијаат многу фактори. Тоа според неа, е одраз на економскиот стандард на државата, а потенцира и дека е потребно допрецизирање на регулативата. Смртноста на новороденчињата ќе биде и една од темите на првата Балканска школа за педијатри која ќе се одржи во Скопје од 12-16 септември, во организација на Здружението на педијатри.