Светската здравствена организација (СЗО) се обидува да им обезбеди на посиромашните земји вакцини, тестови и лекови во борбата против коронавирусот по пристапни цени. Организацијата разработува програма за снабдување на трети земји со една милијарда тестови за САРС-КоВ-2, како и препарати за лекување на луѓе со полесна здравствена состојба.
Портпарол на СЗО не наведува детали за иницијативата Access to Covid-19 Tools Accelerator (АКТ-А), нагласувајќи дека консултациите продолжуваат во врска со документот кој ќе им биде претставен на лидерите на земјите од Г-20 пред самитот во Рим, кон крајот на октомври. Се очекува СЗО да побара од Г-20 и други донатори да обезбедат дополнителни 22,8 милијарди долари до септември 2022 година.
Целта е да се надмине големата разлика во понудата меѓу богатите и сиромашните земји. Досега, програмата за помош обезбеди финансиска поддршка од над 18,5 милијарди долари. Договорот за дополнителна поддршка мора да биде постигнат до крајот на следниот месец.