Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, денеска даде изјава за моменталната состојба на пациентите кои се на болничко лекување од пожарот во дискотеката во Кочани.

Утрово имавме повторно состанок со Кризниот Штаб. Моменталната состојба на пациентите е следна, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Во скопските клиники имаме вкупно 46 пациенти од кои 26 се во клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје. Во градска болница 8 Септември има 10 пациенти и во градска болница Св. Наум Охридски моментално се 10 пациенти, и во приватните болници се 8 пациенти, додаде Таравари.

Ќе испишеме 16 пациенти, лекувањето ќе го продолжат во домашно лекување, потенцира министерот за здравство Таравари.

Неделава очекуваме 8 пациенти од странство да се вратат, па да бидат примени прво на клиниките кај нас, со минимален престој од ден-два, за проверки. Нема да оставиме ништо на случајноста. Од пациентите во странство четири се критични. Да се надеваме дека нивната состојба ќе се подобри, рече Таравари.

Министерот информира дека е можна фаза на инфекции кои се јавувале често кај пациенти со изгореници од втор и трет степен.