Екстремно висока концентрација од 801 микрограм на метар кубен ПМ10 честички во воздухот се забележани синоќа во 21 часот во Тетово преку државните мерни станици за мониторинг и мерење на квалитетот на воздухот на апликацијата за мобилни телефони „Мој воздух“.

Концентрацијата на штетни материи во воздухот е 16 пати повисок од дозволените 50 микрограми на метар кубен. Ноќеска беа двојно зголемени и концентациите на ПМ 2,5 честичките кои наместо 50 микрограми на метар кубен, изнесуваа 123. Податоците на среднодневни концентрации на ПМ 10 од државните мерни станици путринава покажуваат 138 микрометар на метар кубен ПМ 10 со што Тетово е и најазагаден град во државата.

Иако светските здравствени стандарди предвидуваат во една календарска година да нема повеќе од 35 денови со загаден воздух, односно зголемено присуство на отровните ПМ 10 и ПМ 2 честички, досега во 75 денови во Тетово се бележат високи концентрации штетните материи во воздухот. Бројката на денови кога е зголемена концетрацијата на штетните честички не е целосна со оглед дека од 26 април до 23 септември немаше мерења.

Жителите на Тетово најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година кога од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ 10 честички. Во 2016 година имало 302 дена со загаден воздух, додека во 2017 година воздухот бил загаден во 134 денови, а во 41 немало податоци. Мониторинг станицата во Тетово е инсталирана во април 2004 година и од почеток врши мерења на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (ПМ 10).