Фабриката Охис, поранешен лидер на хемиската индустрија во Македонија, денес претставува едно од најголемите жаришта на токсичен отпад. Како резултат на работењето на фабриката, опасниот пестицид линдан долги години стои несоодветно складиран во дворот на истата и претставува голема закана за здравјето на луѓето и ги контаминира воздухот и почвата. Линданот е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, сè додека пред повеќе од 40 години не бил забранет поради неговата токсичност. Тој е канцерогена супстанца, се сврзува со ПМ-10 честичките и го загадува воздухот, а заради несоодветното чување во изминатите децении, масовно ја загадувал почвата и подземните води.
Во моментов, во тек е тендер за избор на компанија која ќе ја чисти оваа депонија, а од понудата која ќе биде избрана ќе зависи технологијата што ќе се користи, што ќе ги определи и роковите за работа. Во дворот на Охис постојат две депонии на линдан, мала и голема чие што чистење е голем проект. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека засега пари за чистење има само за малата, а активно финансии се бараат и за големата депонија.
– „За чистење на малата депонија на линдан, точниот рок за чистење ќе биде познат по изборот на најдобриот понудувач во текот на постојната тендерска постапка и истиот ќе зависи од избраната технологија. Во моментот се претпоставува дека чистењето на малата депонија на линдан може да потрае до три години. Расположливите финансиски средства се обезбедени преку ГЕФ/УНИДО, Владата на Република Македонија и Норвешката Влада“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Она што загрижува е дека и во големата депонија несоодветно се складирани 13 000 тони линдан покриени со 20 000 тони земја која и самата е контаминирана и претставува опасен отпад токму поради децениската изложеност. За големата депонија на линдан сè уште не се обезбедени финансии, но од министерството посочуваат дека работат на обезбедување на потребните средства.
Освен во овие две места за кои е познато дека е складиран овој опасен пестицид, постои уште едно место за кое беше информирана јавноста, а се наоѓа надвор од фабриката Охис и тоа во близина на локалитетот Пеленица кај Драчево. Пеленица е излетничко место на кое се одржуваат ученички екскурзии. Минатата година, локалитетот каде што постои сомнеж дека е загаден со линдан, беше заграден, а заради опасноста за здравјето на децата беа забранети и екскурзиите и други посети.