Есенскиот бран на коронавирусот ги полни капацитетите на болниците. Медицинските работници веќе шест месеци се борат со вирусот, неуморно и со недостаток на персонал. Во моментов три медицински сестри од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се позитивни на Ковид-19, а во самоизолација се и двајца лекари. Медицинските сестри се заразиле преку семеен контакт, а двајца лекари, меѓу кои и директорката на Клиниката, Викторија Јовановска, се во самоизолација поради заболени членови на нивните семејства.
Директорката Јовановска во изјава за медиумите посочи дека на Клиниката сите ги почитуваат протоколите за носење лична заштитна опрема. Децидна е дека во изминативе седум месеци никој не се заразил на Клиниката. „Нема никаква опасност да се заразат пациенти и персонал. Од понеделник уште еднаш ќе се тестираме, да имаме негативен тест и ќе одиме на работа“, додава д-р Јовановска.
Од почетокот на пандемија па се досега десетици медицински работници се заразија со вирусот, а дел од не успеаја да справат со компликациите кои тој ги предизвикува и подлегнаа на истите.
Започнаа да се полнат и капацитетите на модуларните болници кои беа отворени за згрижување на пациентите кои имаат посериозни компликации како резултат на вирусот.
Во справувањето со пандемијата, како што најави неодамна министерот Венко Филипче, ќе се вклучат и студенти по општа медицина од последната година на студиите, кои ќе им помагаат на епидемиолозите во борбата против Ковид-19. На испомош на колегите во Скопје во изминатиот период доаѓаа и лекари од внатрешноста на земјата, пред се медицински кадар од Кочани, Велес, Кавадарци и Кичево.
Проблемот со медицинскиот персонал не е присутен само во Македонија, туку и во светот, каде што СЗО неодамна предупреди дека недостасуваат речиси шест милиони медицински сестри.