Пет лица од кочанското село Тркање кои биле гости на свадба се пренесени во штипската Клиничка болница. Со знаци на труење, висока температура, дијареа и повраќање завршиле на Инфективното одделение.

Според нивните кажувања, биле на свадба во Кочани и јаделе од свадбеното мени во кое имало стек, плескавици и пирошки.

Неофицијално, храната во хотелот каде биле на свадба ја дистрибуирала истата фирма која предминатиот викенд носела храна и во штипски ресторан во кој беа затруени шеснаесет лица. Кај нив беше откриена бактеријата салмонела, а тие со тешка клиничка слика биле пренесени на Инфективно.

Се очекува во текот на наредните денови надлежните служби да одговорат зошто фирма за која се претпоставува дека е виновна за труењето  и натаму продолжила да доставува храна.