Она што денеска го правите со промоција на екологијата во предучилишното образование можеби е мала интервенција во една градинка, но е голем влог во заедниците и во иднината. Ова треба да биде поттик ваквите активности да станат редовни активности во сите градинки. Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која заедно со заменик-министерот Ѓонул Бајрактар, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада денеска присуствуваа на првиот едукативен настан од проектот „Чисти и здрави“ што ќе се спроведува во градинките низ Општина Чаир.

Спроведувањето на проектот со кој се јакне свеста за еколошката средина почна во градинката „Фидани“ и нуди едукативни содржини наменети за децата од предучилишна возраст.

– Ние како Влада навистина вложуваме во предучилишното образование и тоа го чувствувате сите. Инвестираме во инфраструктурата на градинките, во јакнењето на кадарот и во зголемувањето на платите на воспитувачите и градинките. Работиме на создавање квалитетни програми за работа со децата. Ако тука не направиме доволно квалитетни програми и не ги зајакнеме нашите деца во најраната возраст тие помалку резултати ќе постигнат и во основното образование и во средното образование и понатаму на пазарот на труд. Еден од сегментите е и животната средина и јас сум сигурна дека ваквата едукација ќе даде позитивни резултати во секојдневната заштита на животната средина, рече Царовска.

Министерката Царовска во своето обраќање нагласи дека е многу важно децата од најмала возраст да учат и да стекнуваат позитиви навики со кои сите заедно ќе ја зголемиме еколошката свест.

– Креативниот начин на пренесување на знаењата за чистата животна средина преку илустрирани книги, едукативни видео материјали и забавни апликации несомнено и недостасувале на едукативната методологија која се аплицира во градинките. Сега полесно и со поголема ефикасност, негувателките и посебно родителите ќе можат да придонесат децата да ја сакаат природата и да го поттикнуваат нивното примерно однесување, изјави градоначалникот Ганиу.

Проектот „Чисти и здрави“ е финансиран од страна на „Цивика мобилитас“ и имплементиран од страна на Балкан економик форум (БЕФ) во соработка со Општина Чаир. Основна цел на едукативните настани е преку игра и забава да се влијае врз подигнување на свеста кај децата за чиста животна средина.