Живанка Денкова боледува од акутна леукемија 11 години по ред. Терапијата со која таа се третира е лекот „десатенип“ кој не се наоѓа на позитивната листа. Оваа терапија чини 4.000 евра за едномесечен третман на болеста, средства кои таа не е во состојба да ги обезбеди. За четири години, колку што користи терапија, нејзиниот живот зависи од донациите и од здруженијата кои ги бранат правата на пациентите. Денкова бара од Фондот и од Министерството за здравство на позитивната листа да биде и терапијата што таа ја прима.
Бојана Караџова од Здружението за заштита на пациентите со акутна леукемија вели дека нејзиниот татко починал поради тоа што терапијата не беше на позитивната листа.
Во април годинава преку Агенцијата за лекови е ставена на позитивната листа втората линија од постојната терапија, но ова не го решава проблемот на пациентите бидејќи таа ќе биде на располагање само за една година. По една година не се знае со што ќе се третираат заболените пациенти. Моментално во Хематолошката клиника во Скопје се третираат 132 пациенти со овој вид на леукемија. Според податоците на Клиниката, за една година во Македонија се дијагностицираат околу 14 нови пациенти кои боледуваат од оваа болест.