По вмрежување и остварена соработка помеѓу Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје со Агенцијата за катастар на недвижности, се реализираше донација што клиниката ја доби, во вредност од 50.000 евра во денарска противвредност, информираат попладнево од оваа здравствена установа.

– Средствата од добиената донација нашата клиника ќе ги намени за купување на нова оперативна маса, со што непосредно ќе се влијае на подобрување на условите во кои се извршуваат хируршките интервенции, кои секојдневно се реализираат во нашата клиника, пишува во соопштението.

Оттаму изразуваат благодарност до донаторот.

– Во изминатите четири години, вкупно имаме добиено донации во вредност од над еден милион евра, кои Клиниката ги има добиено благодарение на посветената работа и проактивноста на менаџментот на клиниката. Истите се реализирани преку соработка со повеќе државни институции, компании и физички лица, а сите донации се искористени за подобрување на условите и услугите кои се пружат во установата. Од постигнатите резултати може да се види ефикасното менаџирање, а тоа се должи на компактноста на установата и професионалноста на вработените, се наведува во соопштението.

Се додава дека „преку вакви позитивни примери, кои директно влијаат на заштита на општото добро и зголемување на довербата во јавното здравство, ги стимулираат и воедно повикуваат сите други државни институции и компании, како и физички лица, да го следат овој позитивен пример и да се продолжи трендот на донирање средства и соработка со нашата клиника, а сѐ со крајна цел – обезбедување на современи услови за лекување и третман на сите пациенти кои ги користат нашите услуги“.