Со посебен лет од базата во Африка, утринава на скопскиот аеродром слета 55 годишниот потполковник заразен со Ковид-19. Тој е сместен на Инфективната клиника, а се наоѓа во добра општа состојба и е стабилен, соопшти директорката на Клиниката за инфективни болести, доктор Милена Стевановиќ.

Директорката Стевановиќ вчера посочи дека стапиле во контакт со лабораторијата во МАНУ каде ќе бидат испратени брисевите на војникот, по што ќе се потврди дали е заразен со африканскиот сој или не. Таа истакна и дека е можно да не се добијат резултати поради времето кога е заразен.

Во текот на вчерашниот ден министерот за здравство Венко Филипче изјави дека војникот со посебен лет ќе биде транспортиран во Македонија, бидејќи во базата каде се наоѓал немало услови да биде лекуван.

Инаку според досегашните информации африканскиот сој е еден од најразорните видови коронавируси досега.