Министерството за здравство информира дека пунктовите за вакцинација работат и денеска во сите здравствените установи во земјава, без однапред закажан термин. Оттаму посочуваат дека граѓаните кои сакаат да се вакцинираат ќе може да го направат тоа како и секој работен ден.

Пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит Пазар ќе работат во две смени, а прва смена ќе работат пунктовите во Шуто Оризари, Драчево и Ченто.

Министерството за здравство соопшти и дека почнува на неделно ниво да прави редовни анализи за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од ковид-19 во државата и ќе ги објавува секој петок за да ја информира јавноста.

Од 3 497 граѓани кај кои е потврден коронавирусот во изминатите седум дена, од 6 до 12 август, 450 односно 12,8 % биле целосно вакцинирани, а 87,1 % или 3047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани.