Најголемата студија за ефикасноста на вакцината против ковид на „Фајзер/Бионтек“ кај општата популација досега покажа дека вакцината обезбедува заштита од над 95%, а во исто време покажа дека оваа заштита значително опаѓа доколку некое лице се вакцинира само со една, наместо со препорачаните две дози.
Студијата открива дека две дози обезбедуваат 95,3 проценти заштита од инфекција и 96,7 проценти заштита од смртност, седум дена по втората доза. По 14 дена, таа заштита се зголемила на 96,5 проценти, односно на 98 проценти. Помеѓу седум и 14 дена по првата доза, се покажало дека заштитата од инфекција е 57,7 проценти, а заштитата од смртност 77 проценти.
Авторите на истражувањето од израелската национална кампања за вакцинација велат дека овие докази од реалниот живот покажуваат дека на пандемијата може да ѝ се стави крај само со брзи, глобални програми за вакцинирање.
Анализата на податоците за јавното здравје од Израел – една од земјите со најголем процент на целосно вакцинирани возрасни лица, покажа дека вакцината била исклучително ефикасна во заштитата на старите лица во време кога доминирала позаразната британска варијанта, објави специјализираното медицинско списание „Лансет“.
До почетокот на април скоро 5 милиони луѓе во Израел примиле две дози вакцина „Фајзер/Бионтек“, или повеќе од 70 проценти од населението.