Со СДСМ на власт црните статистики се наше редовно секојдневие. Овој пат тие се фатални. Неспособноста и аматеризмот на власта во справувањето со коронавирусот нѐ доведе до ситуација да бидеме држава со најголем број починати на 1 милион жители во регионот.  34 починати лица на 1 милион жители е доказ за некадарноста на власта. Наместо реално решавање на кризата, Филипче се обидува лошо да глуми шоумен, изјави денеска Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија е убедливо на врвот по починати од корона вирус и има повеќе умрени од Грција, Албанија и Бугарија заедно. Ова е недозволиво и е доказ дека нешто не функционира. Ова е доказ дека здравствениот систем е во колапс. Само за споредба додека ние имаме 34 починати на 1 милион жители во Грција бројот на починати е 13 лица, во Бугарија 8, во Србија 19, а во Албанија 10.

Сите наведени држави, освен Србија, имаат далеку послаби мерки за ограничување на движењето на луѓето, а бројката на фатални исходи е неколкукратно помала. Тоа укажува само на едно – здравствениот систем е лошо менаџиран.

Здравствениот систем е оставен сам на себе. Тоа е факт на кој неколку пати веќе укажуваме. Медицинските лица се принудени сами да си купуваат заштитна опрема, болниците немаат ниту средства за дезинфекција, буквално лекарите се снаоѓаат како знаат и умеат.

Дополнително бројот на тестирани во текот на вчерашниот ден е само 200 лица, тоа е недоволно и со тоа се крие реалната слика. За оваа состојба мора да има одговорност. Животот на луѓето нема цена“,изјави Василевска.