Поради верскиот празник рамазан бајрам вечерва нема да важи полицискиот час, а веќе од утре тој ќе биде скратен и ќе трае од полноќ до 4 часот наутро. Владата вчера ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести и ги олабави рестриктивните мерки до 18 мај.

Од денеска почнуваат со работа и вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри, салите за вежбање и игротеките, но во овие објекти е задолжително почитување на протоколите за работа. Се дозволува и организирање на инвент настани, но за нив, ќе важат истите протоколи од претходно, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор.

Се продолжува и работното време на угостителските објекти до 23:30 часот, но тие и понатаму ќе бидат отворени само на летните тераси, а исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и делот за исхрана во хотелите, мотелите, хостелите и пансионите за лицата кои се сместени во овие објекти.

Спортските настани и понатаму ќе се организираат без физичко присуство на публика.

На сила останува забраната за свадби и концерти, а се уште е рано и за неносење на заштитни маски на отворено, изјави во понеделникот министерот Филипче.

Како дел од олабавувањето на мерките е и укинувањето на забраната за користење на годишни одмори за здравствените работници и зголемувањето на бројот на деца во градинките.