Владата состави список со држави и региони кои се сметаат за критични и ги повикува граѓаните што патувале таму во последните две седмици да се јават во центрите во јавно здравје во земјава

Владата упати апел до граѓаните, кои во последните две седмици патувале во некој од регионите зафатени со коронавирусот, да не одат на работа, факултет или на училиште и да се јават на телефоните во центрите за јавно здравство.

Повикот на Владата се однесува на: вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработени во основно, средно и високо образование, како и до сите ученици и студенти кои во последните 15 дена патувале или живеат со некој што патувал во држави во кои се регистрирани случаи на коронавирус.

Станува збор за следните земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Народна Република Кина, Хонгконг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореја, Сингапур, Тајван. Тие што патувале на овие места, се вели во владиното соопштение, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција.

Владата им препорачува на овие граѓани веднаш да се јават на телефоните за контакт во центрите за јавно здравје во Битола – 071/261-330, Велес – 071/219-278, Гевгелија – 078/545-444, Кочани – 071/373-913, Куманово – 070/215-851, Охрид – 070/723-029, Прилеп – 076/475-747, Скопје – 071/289-614, Струмица – 072/235-543, Тетово – 075/240-464, Гостивар – 076/365-161, Штип – 078/365-613, и на телефонот на Институтот за јавно здравје – 078/387-194, како и на телефонот „Ало докторе“ – 02/15-123.

„Со исполнување на оваа обврска граѓаните ќе помогнат да се соберат релевантни информации за состојбата со коронавирусот, за институциите да можат навремено и ефективно да реагираат. Владата повикува на максимална лична одговорност на секој вработен во институциите, родителите на децата во образовниот процес и на сите граѓани, за да се оствари максималната заштита на секој поединец и на јавното здравје, како и да се следат и практикуваат препораките на Министерството за здравство и на Светската здравствена организација“,

се наведува во владиното соопштение.