Откако министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести утринава на состанокот објавија дека предлагаат рестриктивни мерки во Тетово, односно забрана за свадби, прослави и за одржување масовни настани на затворено, во изјава за медиумите тој посочи дека барањето е мерките да важат за сите градови, а не само за Тетово.
Па така на вечерашната седница Владата донесе одлука за целосна забрана за работа и организација на настани на затворено во сите угостителски објекти. Оваа мерка ќе стапи на сила од 16-ти август.
– Од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип, велат од Владата.
Угостителските објекти регистрирани за прослави до 15 август ќе смеат да организираат настани во затворен простор, но со почитување на мерките и со 40% од капацитетот, а потоа прослави и настани ќе се организираат само на отворено.