Додека македонските министри се фалат со растот на просечната плата, ладен туш од соседите. Српскиот претседател Александар Вучиќ потенцираше дека Србија драстично ја претркала Македонија која се наоѓа на дното во регионот според висината на просечната плата. Рече дека тоа било резултат на фискалната консолидација во земјата. Инаку според најновите податоци, просечната плата во Србија изнесува 424 евра, односно повисока е за 26 евра од македонската која е на ниво од 398 евра.

  • Денешната просечна плата изнесува околу 424 евра. Ако ја споредите со 2002 година, кога просечната плата во Хрватска изнесуваше околу 700 евра, а во Србија само 146, драстично ја намаливме разликата. Наскоро просечната плата во Србија ќе изнесува околу 465 евра. Ние ја намалуваме разликата на другите земји во регионот не само во пропорција, туку и во апсолутни бројки. Ги надминавме Бугарија, Босна и Херцеговина, а зад нас се Албанија и Македонија. Ќе видиме дека ќе ги надминеме и другите, следуваат Романија и Унгарија, рече Вучиќ.

Од друга страна, македонските министри за финансии и труд и социјална политика не пропуштија да се пофалат дека растот на просечната плата е резултат на напорите на оваа Влада. За потсетување, нето платата почна да расте позначително откако во 2012 година се воведе минималната плата во земјава.

Во Македонија просекот е 24.509 денари месечно, но анализите на организациите за економски истражувања покажуваат дека 18% од работниците во земјава и покрај тоа што имаат договор за вработување, примиле плата во кеш. Реално, просекот го билдаат оние со највисоки примања, односно оние 1.4% од работниците што земаат над 40 илјади денари, но 80% од Македонците земаат плата под 20 илјади денари, а дури половина од работниците се на минималец.

Дополнително, секој 4-ти вработен работи прекувремено, најчесто без надокнада, а само 17% од работниците можат да ги задоволат месечните потреби. Владата е оптимист дека просекот во државава ќе достигне 500 евра до крајот на нејзиниот мандат.