Власта и натаму останува глува на барањата на земјоделците, се жалат тие. Токму затоа Федерацијата на фармери предложи мерки за надминување на проблемите со пласманот на производите и штетите од климатските промени. Бара почитување на законот за договорното производство и чести инспекции, како и мерки за заштита од климатските промени преку програма за рурален развој, како и помош за технологија.

Според Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на  фармери, повисоките проиозводни цени од откупните кај речиси сите производи во изминатиот  период го доведуваат во прашање натамошното производство, а ниската финансиска моќ ги ограничува во инвестициите за заштита од временските непогоди.

  • Земјоделците имаат проблем со пласманот на речиси сите производи, од почетокот на годината со зелката, потоа со јагнето, сега на ред  е пченицата, ќе следат јаболкото, градинарските култури, кај  сите земјоделски култури. Млекото веќе неколку години се откупува по многу пониска цена за 17- 18 денари. Ситуацијата ни е алармантна. Ако не преземеме подрастични чекори и на размислуваме во иднина  како да го зачуваме нашето земјоделство се плашам дека веќе ќе нема кој да произведува храна, изјави Мојсовска.

Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери, смета дека повеќе од половина од проблемите на земјоделците ќе се решат ако се почитува  Законот за земјоделство и рурален развој кој предвидува договорно производство, со навремено склучување договори во која ситуација фармерите би знале што и колку да произведуваат.

  • Само на тој начин државата може да ја подобри климата во која опстојуваме. Ние да се бориме на глобалните пазари со производи кои веќе се берзански е многу тешко, но да го заштитиме нашиот земјоделец согласно законот и да му понудиме  дополнителна заштита како Влад, здружение на земјоделци и национална федерација треба да биде наш заеднички интерс за да ги задржиме младите и да опстои руралната средина, изјави Орозовиќ, посочувајќи дека најголем дел од нашето население е работно анагажирано преку земјоделството, кое учествува со 12 проценти во БДП.

Од Националната федерација  на фармери укажуваат дека доколку земјоделците од неготинско имале поставени заштитни мрежи ќе се избегнеле штетите од градот кој минатата недела уништи 70 проценти од посевите. Немоќни се, како што велат, да ги набават затоа што заштитна мрежа само хектар ги чини 12.000 евра.

  • Бараме да се зголемат мерките од државата за заштитните мрежи, осорувачи и сите други заштитни мерки. Предлагаме да се стават во  домашната програма за рурален развој, а не само преку ИПАРД. Така ќе нудиме повисока поддршка бидејќи земјоделците навистина со вакви продажни цени се немоќни да инвестираат  во заштитни мрежи и сите оросочувачи. Кога ќе им се даде повисока поддршка од 50,  70 или 80 проценти тогаш земјоделците ќе почнат повеќе да размислуваат на таа тема и да си ги заштитуваат своите овошни, лозови, поледелски насади и сите други култури, наведе Мојсовска.

Проблемите на змејоделците и мерките кои ги предлагаат за нивно надминување ќе бидат предмет на дебата и на Првиот  земјоделски форум на тема „Пазарни можности и климатски промени“, што се одржува денеска во организација на Националаната федерација на фармери.