Дали изградбата на новиот Клинички во Ѓорче тапка во место или пак Власта ќе го исполни ветувањето за камен темелник на почетокот на идната година?

Опозицијата обвинува дека постапката се одолговлекува, а министерот за здравство тврди дека се оди според планираното. Според Филипче процесот е до втората фаза, односно  дијалог со двете странски компании кои се влезени во трката за 500 милиони евра, толку ќе чини медицинскиот комплекс во Веле Поле.

– Изградбата на Клиничкиот Центар односно постапката на тендерирање е пред почетокот на втората фаза, односно се избраа кандидатите. Останаа два гиганти  германската Vamed и француската Bouygues construction. Паралелно министерството за финансии работи на обезбедување на кредити, односно заем за почеток на изградба на новиот Клинички Центар, изјави доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Од друга страна од ВМРО ДПМНЕ велат дека Власта манипулира со изградбата на Новиот Клинички. Според опозициската партија прво треба да има проект па потоа да се барале пари од странски банки.

-Имаме две преквалификувани компании кои точно немаат никакви детали на што треба да учествуваат на процесот на аукција. Така да по мене најверојатно целата процедура околу финансирањето и проектирањето ќе застане и ќе пропадне или ќе се одложи. Со еден збор наместо да имаме модернизиран Клинички Центар и нов кој би се планирал да се гради некаде, имаме она што е останато од претходно, односно нарушување на јавниот здравствен систем и зајакнување на приватното здравство, изјави доц. д-р Игор Николов, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.

Дали во третиот обид за 10 години граѓаните конечно ќе добијат Нов Клинички Центар или пак само ќе биде уште една најава  ќе се види идната година иако првично камен темелникот во Ѓорче беше најавен за до крајот на 2019.