Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение претпладнево побара кривична одговорност за загубените човечки животи од Ковид-19.

„Бројката на заболени од коронавирусот ја надмина психолошката граница од 4.000 заразени наши сограѓани. Во последниот период секој ден имаме од 150 до 200 нови случаи, а СДСМ сè уште мисли како набрзина и шверцерски да организира избори. Вчерашниот ден е најцрн ден од почетокот на пандемијата со 9 починати пациенти. Македонското здравство колабира, а пациентите не може да дојдат на ред за лекување“, се вели меѓу другото во дописот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа се повторени и двата партиски услова за избори што на вчерашната прес-конференција ги испорача лидерот Христијан Мицкоски – јасни протоколи за заштита на граѓаните и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде присутна и да воспостави мисија во Република Македонија со која што ќе ги оценува понатаму изборите и избирачкиот процес.