Во Грција попладнево ќе се отвори платформа за закажување термин за вакцинација, бидејќи во земјата пристигнаа ажурираните вакцини против Ковид-19 кои заштитуваат од подваријантите БА 4/5 на мутацијата Омикрон. Во процесот на имунизација ќе бидат вклучени само оние кои се веќе вакцинирани со две или три дози и ќе се користат само како прва или втора дополнителна доза, известуваат грчките медиуми.

Од Министерството за здравство на Грција соопштуваат дека се планира вацинацијата со ажурираните вакцини да започне во понеделник, а пред две седмици во земјата започна вакцинацијата со вакцини наменети против сојот Омикрон. Приоритет и за двете ажурирани вакцини имаат граѓаните над 60-годишна возраст и лицата од 12 до 59 години со здравствени проблеми.

Ажурираните вакцини се всушност мРНА вакцини кои се користат како прва или втора дополнителна доза, односно трета и четврта доза и треба да се примат три месеци по вакцинацијата или по прележан Ковид-19. Истите се наменети само за вакцинираните лица, а оние кои се невакцинирани, ќе се имунизираат со постоечките вакцини.