Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција соопшти дека германскиот тим од Федералната криминалистичка служба ќе се вклучи во истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница.

– Германскиот тим од Федералната криминалистичка служба, кој треба да пристигне по завршената претходница деновиве, првично е составен од четворица, и тоа од двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.

Во МВР, како што информира тој, веќе се подготвува соодветна поддршка во форма на алат, нацрти, планови и други релевантни информации кои можат да помогнат во заедничкото утврдување на фактите.

– Германските експерти ќе работат заедно со крим техничарите на МВР како поддршка на ОЈО при истрагата за утврдување на причините за пожарот во модуларната болница во Тетово, посочи Арсовски.