Во Италија во последните 24 часа од Ковид-19 починале 133 луѓе, што е најголема бројка на жртви досега. Вкупно, од новиот коронавирус во Италија починале 366 лица.

Со вкупен број на заразени лица кој се зголеми на 7.375, Италија стана втора земја во светот по бројот на починати и заразени од вирусот. Од нив вкупно 633 луѓе оздравеле, што е за 33 повеќе од вчера.

Министерството за надворешни работи, пак, објави соопштение во кое се вели дека не се препорачува патување на македонските жители во делот на северна Италија, а и за сите останати делови од неа. Оние кои се веќе присутни таму, од министерството апелираат да превземат заштитни мерки и да ги следат известувањата што се упатуваат преку локалните медиуми.

Во Македонија досега се регистрирани тројца заразени со коронавирусот, при што сите тројца се стабилни, а биле во посета на Италија и оттаму го донеле вирусот во Македонија. Сите останати со кои биле во контакт се во домашна изолација и се следи нивната состојба. За првата жена која беше инфицирана со Ковид-19 ќе се направи уште еден тест со кој ќе се исклучи нејзината понатамошна инфективност.