Половина од 29-те родилишта во државата се нефункционални. Имаат простор но не и лекари, бидејќи им било поисплатливо да работат како матични гинеколози. Во дел од нив недостасува и неопходната опрема за скрининг на трудниците а фалат и медицински сестри. Ова се само дел од податоците по извршената проценка на терен од страна на здравствените власти, која треба да им помогне во спроведување на мерките за намалување на смртноста кај новороденчињата и родилките.
–Има родилишта без гинеколози, но и такви каде само прават ултра итни породувања кои не можат да чекаат. Направивме проценка и секако планираме да спорведеме дел од мерките во родилиштата пред се во клиничките болници во Штип, Битола и Тетово, вели Венко Филипче.
Дел од мерките кои треба да ја подобрат алармантната слика во земјата која е втора во Европа по смртноста на новороденчиња, Министерството за здравство ќе ги реализира и со Фондот за население во Обединетите нации.
– Значи зборуваме за стандарди за повторна обука на луѓето нештата да ги прават на еден подобар начин. На овој начин се дава еден вид на подлога за проценка на потребите од опрема каде се потребни дополнителни инвестиции и дополнителна обука. Но, во овој стадиум се надевам дека и со овие минимални мерки во поглед на трошоци ќе имаме значително намалување на смртноста и морбидитетот како кај мајките така и кај децата. Ќе ставиме акцент на неонаталната грижа, изјави Доина Болога, директорка за население на УНФПА за Македонија
Нови вработувања се неопходни во речиси сите болници со гинеколошки одделенија. Но и покрај побарувањата, инситутциите се соочуваат со проблем да не можат да го најдат потребниот кадар. Според информации на Сител, на огласот на ГАК не се пријавил анестезиолог а од 5-те неонатолози, само двајца се специјалисти а осдтанатите специјализанти.