Имаме најава дека в петок ќе стигнат 10.000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Хрватска. Во текот на наредната недела се очекува да стигнат и 10.000 вакцини од Русија на „Спутник“. Во текот на вчерашниот ден и завчера се вакцинирани околу 12.000 лица, а заклучно со вчера се вакцинирани 330.000 граѓани, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот истакна дека започнале да излегуваат препораки и публикации за потреба од трета доза од вакцината против коронавирусот, но нагласи дека се уште нема цврст и јасен став околу тоа прашање.

– Никој не може за сигурно да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата. Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе биде потребна трета доза и сега се поставува прашањето дали од истиот производител или различен или трето сценарио, оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина, додаде тој.

Филипче информираше дека теренската вакцинација е веќе започната во градовите каде што има лица кои се тешко подвижни, во помалите места, а од следната недела се очекува да биде спроведена поинтензивно.