Состојбата во Србија е стабилна, но има мало зголемување на бројот на заболени, изјави министерката за труд Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, по седницата на Кризниот штаб. Министерката посочи дека состанокот бил посветен на тоа како да се влијае на зголемувањето на опфатот со вакцинација и дека тоа не е само индивидуална одговорност, туку и колективна.

Инаку кога станува збор за хоспитализирани пациенти последните месеци, над 99 отсто од нив не биле вакцинирани, а меѓу оние кои починале како резултат на инфекцијата нема такви кои биле целосно имунизирани, додаде таа.

Она што ги загрижува српските надлежни лица е дека само 17,42 отсто од населението на возраст од 18 до 30 години е имунизирано.

– Младите мора да разберат дека можат и да се разболат, дека најверојатно нема да имаат потешка форма на болест, но тие го носат овој вирус и можат да го пренесат на други, рече Кисиќ Тепавчевиќ.

До денеска, во Србија се вакцинирани 2.772.927 лица, а 2.642.507 лица ги примиле двете дози. Околу 49 отсто од српските граѓани примиле барем една доза вакцина, а Кисиќ Тепавчевиќ посочи дека овој процент не е доволен.

Во врска со информациите дека некои клинички центри бараат ПЦР тестови од вработените кои не биле вакцинирани при враќање од годишен одмор и прашањето дали тоа е пракса во сите болници, таа одговори дека една од мерките што може да се преземе индивидуално, од болницата до болница, во зависност од епидемиолошката состојба, е од вработените по одморот да може да се побара доказ дека не се заразени.

– На седницата на Кризниот штаб беше констатирано дека повеќе од 30 отсто од луѓето не носат заштитни маски и не одржуваат растојание, рече Кисиќ Тепавчевиќ, најавувајќи дека во следниот период ќе бидат засилени контролите за почитување на мерките.