Од Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ во Србија, соопштуваат дека досега се регистрирани десет потврдени случаи на мајмунски сипаници. Станува збор за мажи на возраст од 27 до 44 години. Инаку случаите се регистрирани на територијата на Белград и тоа 8, а 2 се регистрирани во Војводина, посочуваат од Институтот.

Во моментов епидемијата е концентрирана кај мажи кои имаат секс со мажи, особено кај оние со повеќе сексуални партнери, се наведува во соопштението.

Симптомите на мајмунски сипаници обично вклучуваат висока телесна температура, интензивна главоболка, болки во мускулите, болки во грбот, слабост, недостиг на енергија, отечени лимфни жлезди, најчесто во вратот, пазувите и препоните, како и осип на кожата.

Осипот обично започнува во рок од еден до три дена од почетокот на покачената телесна температура и може да биде концентриран на лицето, дланките и стапалата.