Во Србија утре се очекува собранието да ја укине вонредната состојба, со што заклучно со четврток нема да има полициски час, но некои мерки воведени за време на борбата против коронавирусот ќе останат на сила.

Членот на Кризниот штаб, епидемиологот Предраг Кон изјави дека по укинување на вонредната состојба во Србија, на сила останува мерката за прогласена епидемија од посебно значење, како и пандемија од Светската здравствена организација, која вклучува вонредни мерки.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, кризниот штаб по укинување на вонредната состојба, ќе и препорача на Владата на сила да остане забраната за масовни собири, вклучително и посети во кина и театри, како и спортски настани со гледачи.

Покрај забраната за масовни собири, струката во кризниот штаб се согласи да се укине забраната за движење на лица над 65 години, со останување на препораките за нивно однесување во поглед на социјалната дистанца и рестриктивното движење.

На сила ќе остане обврската за употреба на маски и ракавици во јавниот превоз, како и во рестораните и кафулињата, останува на сила и социјалната дистанца, ќе нема и понатаму настава во училиштата, а останува наставата од далечина.

Одржувањето на оддалеченост од два метра останува на сила, како и избегнувањето на контакти- со гушкање и ракување.

Според лекарите важно е и понатаму да се применуваат основните мерки за заштита за да се намали можноста од зараза со вирусот – миење на рацете, дезинфекција на површини со кои се доаѓа во контакт.

Особено е важно да се одржува растојанието во затворен простор, а потребна е претпазливост и на отворено.

Шетањето ќе биде дозволено, но не и во група.

Прославите како свадби, крштевки, родендени ќе бидат дозволени од 15 јуни.