Министерството за здравство информира дека заклучно со 9 октомври, вакцинирани се 795.186, а ревакцинирани се 748.563 граѓани. Во текот на викендот аплицирани се вкупно 4.418 вакцини, од кои како прва доза се аплицирани 1.132, а ревакцинирани се 3.129.

Согласно податоците од Министерството, 53 проценти од граѓаните над 40-годишна возраст се вакцинирани со две дози, а 33 отсто од граѓаните на возраст од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

– Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина – соопшти Министерството за здравство.

Министерството препорачува трета доза „Фајзер“ на сите граѓани, без разлика на возраста и дали се хронично болни. Комитетот за имунизација препорачува трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.

Податоците од Министерството покажуваат дека до 9 октомври трета доза примиле 782 граѓани.