За среќа, нашите банки, особено големите кои се од системска важност (големата тројка, пред сé), години со ред работат успешно. Тие пружаат витални функции во обезбедувањето кредитни средства за претпријатијата и за домаќинствата и во вршењето на платниот промет. Платниот промет е крвотокот на економијата. На почетокот од ова столетие, по долгогодишни подготовки, државата оваа функција им ја препушти на банките, со ликвидација на фамозната СОК (Служба за општествено книговодство). Во процесот на кредитирање банките вршат магична функција – нашите краткорочни депозити ги претвораат во среднорочни и долгорочни кредити, притоа одејќи по тенката жица на сите можни видови ризици. Како награда, остваруваат солидни приходи и профит за своите акционери.

Стапката на поврат на капиталот на акционерите во нашите поголеми и системски важни банки е една од повисоките стапки на оплодување во македонската економија. Не во редот на највисоките, но сепак солидна двоцифрена стапка во рангот од 14-16 отсто, што ги прави сопствениците на банките да бидат задоволни. Како и не би биле кога овие стапки на поврат, барем до неодамна, се повисоки од тие што во просек ги остваруваат многу помоќни банкарски групации во Европа и во светот, како што се британските ХСБЦ, Барклис, познатите моќни италијански банки, па дури и од американските гиганти од типот на Џеј Пи Морган, Велс Фарго, Голдман Сакс и други. (На оваа компарација може да влијае различниот степен на приспособување кон новите Базелски стандарди кај нашите, во споредба со спомнатите странски банки, но тоа не го менува заклучокот). Позитивни се и стапките на поврат во однос на ангажираните средства (актива), кои се значително пониски, но се помалку релевантни кога станува збор за оценката на профитабилноста на банкарскиот сектор во споредба со претходниот индикатор – стапка на поврат на капиталот на акционерите на една банка.

Банките се финансиски институции кои се засноваат на доверба. Доверба во секоја банка одделно и во вкупниот банкарски и економски систем на една држава. Кога се топи довербата, банките постепено, а потоа одеднаш може да се срушат како кула од карти. Тоа е многу пати веќе видено низ историјата на голем број земји и лекциите се научени. Со оглед на тоа што без банки нема економија, во случај на опасност од пропаѓање на една или неколку системски банки државата ги спасува со средства од државниот буџет, т.е. со пари на даночните обврзници. Дали банките сами без поддршка на институциите на државата, вклучително и на централната банка, се во можност да го постигнат потребното ниво на доверба? Се разбира, не се!

Оттаму, банките не можат да се поистоветат со другите комерцијални субјекти во начинот на вршење на нивната дејност и остварување профит за нивните акционери. Тие се, пред сé, високо регулирани институции. Оваа т.н. регулација на прудентноста (нивната цврстина да одолеат на разни шокови, со цел заштита на заштедите на нивните депоненти и важната функција што ја вршат во економијата), кај нас ја врши Народна банка. Не е едноставно да се основа банка, а е уште покомлицирано таа да се раководи на дневна основа. Потребна е лиценца за нејзино основање, лиценца за директорот и согласност за членовите на управниот и надзорниот одбор. Постојат строги правила за „адекватност на капиталот“, пропишани со меѓународни стандарди, кои по секоја поголема финансиска криза дополнително се заоструваат. Пропишани се ограничувања од аспект на максималната „изложеност“ кој еден кредитокорисник; задолжителна резерва во однос на вкупната актива (депозитите); бројни видови на „резервации“ пропорционални на класата на кредитни ризици по одделни пласмани и што уште не! Причината за ова е едноставна – да се ограничи дискрецијата на банкарите и нивната тенденција за преземање прекумерни ризици, затоа што тие, сепак, работат со туѓи, а не со свои пари.

Вака строго регулирани, банките, особено поголемите и системски важни банки, повеќе наликуваат на регулирани инфраструктурни дејности, како што се, на пр., снабдувањето со вода, електрична енергија, природен гас, топлинска енергија, потоа железниците и сл., одошто на типични комерцијални претпријатија. Овие дејности се од витален карактер за граѓаните и државата не може да допушти доколку некои од нив работат со загуби да пропаднат. Кој може да помисли дека ако претпријатието што врши дистрибуција на електрична енергија прогласи банкрот, целокупната мрежа од трафостаници, водови, кабли и сл., ќе се демонтира и ќе се понуди на продажба како старо железо? Или истото да се случи со приватната компанија што го снабдува главниот град со топлинска енергија. Веднаш настапува државата и со помош на веќе постојната инфраструктура изнаоѓа начин за непречено обезбедување на овие витални услуги за граѓаните.

Значи, регулација на банките постои и во нормални околности, а во кризни ситуации во каква што во моментов се наоѓа светската, а со тоа и македонската економија, легитимни се и дополнителни мерки за регулација. Целта е поддршка на економските субјекти, подеднакво претпријатијата и домаќинствата, а со тоа и на самите банки. Зошто е неопходна и во која насока би се движела дополнителната регулација на банките во овие кризни моменти? Да потсетиме дека Народна банка веќе донесе такви мерки како одговор на настанатата ситуација, кои ги засегаат банките на еден или на друг начин. Во моментов е неопходна една дополнителна мерка – дополнително намалување на каматните стапки на банкарските кредити за оние субјекти кои одлучиле да прифатат мораториум на отплатата во период од шест месеци.

Банките се во право дека за пласираните средства во периодот на мораториум за отплата на кредитите од физички и правни лица не можат да се откажат од засметување на одреден принос. Но, никако не е оправдано каматните стапки што важеле претходно за кредитите да се засметуваат и сега. Стотици компании и граѓани кои претрпеа, трпат и допрва ќе трпат сериозни штети од налетот на здравствената и економска криза во која се најдовме заедно со сите други земји и народи на земјината топка очекуваат дополнителна поддршка. Најдобро е за банките да помогнат тие да го преживеат периодот на пост и глад. Во спротивно, повеќето вака дополнително оптоварени должници може никогаш да не се разбудат од хибернацијата, со што банките не добиваат ништо, а може да загубат многу.

Ако банкарите започнат да се прашуваат, како во легендарната секвенца од Монти пајтон околу тоа „Што државата (заедно со Народна банка) направила за нас?“, да ги потсетиме:

Целата колумна на Трајко Славевски може да ја прочитате на Фактор.мк