Движењето “ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“  во најновото соопштение го изразува револтот од одлуката на надлежниот Јавен обвинител од ОЈО-Скопје во врска со случајот за незаконито согорување медицински отпад на депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци.  Според ОЈО нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот. Тие појаснуваат дека поради утврдување на фактичката состојба спровеле, како што велат, обемна предистражна постапка во рамките на која биле прибрани податоци и извештаи кои се однесуваат на еколошките дозволи што ги поседува депонијата и на резултатите од редовните, контролните и вонредните инспекциски надзори извршени во текот на 2017 и 2018 година.

„Дополнително, од страна на јавниот обвинител, на 25.02.2019 година бил формиран и истражен тим со истражители од Царинската управа и од Управата за финансиска полиција кои преземале дејствија за проверка на сомнежите пласирани во јавноста во врска со незаконит увоз и согорување медицински отпад во „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци“, се наведува во сооопштенито од ОЈО.

Од движењето „ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“  реагираат дека не добиле никаков записник ниту информации за наодите од инспекцискиот надзор, ниту во соопштението од ОЈО тие се истакнати, туку само е спомнато дека е формиран истражен тим, прашувајќи зошто и претставници од нивното здружение не биле повикани да бидат дел од надзорот.

„ Анализата на прибраните извештаи покажала дека при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина на 01.12.2017 година било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните CO, SO2 и прашина од работењето на инсинераторот на печката за спалување медицински отпад ги надминуваат граничните вредности согласно Правилникот за гранични вредности на емисии при согорување на отпад и услови и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување. По ова, Инспекторатот донел Решение со кое го ограничил работењето на инсинераторот за спалување медицински отпад на најмногу 8 часа во текот на еден работен ден и целосно го забранил работењето во деновите кога се надминати праговите за алармирање на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух во Скопје. Со Спогодба, правниот субјект бил задолжен да плати одмерена глоба во износ од 8.500 евра. Во истовреме, депонијата била задолжена во рок од 90 дена да ги доведе емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во дозволените граници“, појаснуваат од Движењето.

Тие, исто така, прашуваат врз основа на кои наоди беше изречена глобата, колкави беа надминувањата, каде е записникот, каде се наведени стандардните алатки кои се употребени за да се утврди надминувањето на граничните вредности и зошто тие како движење не се известени бидејќи  реагирале ткму по ова прашање?

Од „ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“ бараат конкретни одговори по кои стандарди мереле од истражниот тим, кои стандарди биле земени предвид и според кои стандардни тест методи ги вршеле сите тие мерења? Дали лицата кои биле ангажирани од страна на судот и инволвирани во мерењата поседуваат валидни акредитации за оваа област? Дали депонијата има автоматизиран систем за мониторинг и дали поседува стандард и за автоматско предавање на податоците до регулаторнотио тело?

Од движењето инсистираат Градот Скопје да ја третира Дрисла како критична инфраструктура како што е случајот со депониите насекаде во светот и при имплементацијата на ЕУ директивите (IED директивата која ги третира сите индустриски сектори/гранки во Европа, вклучително и WE  директивата).

Од движењето се револтирани бидејќи како голем загадувач Дрисла нема А интегрирана дозвола, а судот вели дека е во ред!

„Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет. Со оглед на тоа, надлежниот јавен обвинител заклучи дека не постојат докази кои упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донесе одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот“, се наведува во соопштението од движењето.

„Дали Дрисла го поседува стандардот EN 14181 за автотаски мониторинг систем и дали Министерството за животна средина како регулаторно тело во оваа сфера може да посочи макар една ваква инсталација која поседува ваков авотоматизиран систем?“, прашуваат од движењето кои се надеваат на брз одговор.