Во Македонија, според последните вчерашни официјални информации, заболени се вкупно 555 лица од коронавирус. Од нив регистрирани се 52 случаи на заболени здравствени работници. Тие се луѓе што се во непосреден контакт со пациентите. Од нив, 34 се заболени во болнички – амбулантски услови.

Министерот за здравство Венко Филипче им порача на здравствените работници максимално да ги почитуваат протоколите кои ги има од самиот почеток на пандемијата, да се штитат во и надвор од работните места, затоа што нивната улога, нивното здравје е од примарно значење во овој момент во државата

-Во рамките на Министерството отворивме посебна наменска сметка за донации. Таму се пристигнати близу 500 илјади евра кои ќе бидат наменети да се снабдиме со опрема или материјали во врска со третманот на овие пациенти. Веќе најавивме дека ќе ја објавиме листата на донаторите. Донираа опрема, респиратори, рендген апарати, бронхоскопи, маски. Се што е потребно за третман на овие пациенти – близу милион парчиња на заштитна опрема, како и потребните лекови кои соодветно после индикација се даваат на пациентите. Со оглед на недостатокот на медицинска опрема во светот, ние оваа недела ја повторуваме постапката за набавка на респираторни машини, со што предност даваме на времето во коешто тие би стигнале до нашата земја, информираше министерот Филипче.

Министерот вчера изјави дека земјава влезе во втората фаза на епидемијата, со оглед на тоа што има сè повеќе и повеќе дијагностицирани пациенти, што е констатирано на состанок на Комисијата за заразни болести.

Денеска можно е да се достави предлог до Владата за зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот.