Шоферите, правниците, економистите и другиот немедицински персонал во јавното здравство даваат рок до среда да се постигне договор за зголемување на платите или во четврток ќе организираат голем протест. Иако во изминатиот период имале повеќе средби со министрите за здравство и за информатичко општество Венко Филипче и Дамјан Манчевски, сепак според последните информации едно од двете барања им останува неисполнето.

Синдикатот на Клинички центар го поддржува протестот на административниот и помошно-техничкиот персонал, кој ќе се оддржи утре пред Министерството за здравство организиран од координативното тело на здравствената администрација.

Болничарите, администрацијата, шоферите и другиот технички персонал во јавното здравство одржаа протест и минатиот месец по што ги почнаа преговорите. Тие се разочарани од тоа што за нив не важи зголемувањето на платите кои го добиваат лекарите и медицинските сестри.

„Синдикатот на Клинички центар на седницата на Советот одржана на 10.11.2019 година донесе одлука да се потпише Анекс на Колективниот договор за покачување на платите на докторите специјалисти за 25%, докторите со наставно звање за 20%, докторите по општа медицина 15%, здравствените работници со средно, више и високообразование за 10% и здравствените соработници за 5%, почнувајќи со февруарската плата во 2020 година.

Во таа прилика јавно истакнавме дека не сме задоволни што административниот и помошно-техничкиот персонал не се вклучени во ова покачување.

Во таа насока поради идентичните барања и заедничката цел заедно со Гранковиот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и координативното тело на здравствената администрација остваривме повеќе средби со Министерот за здравство на кое ги истакнавме нашите барања за покачување на платите на административниот и помошно-техничкиот персонал и изземање на здравствената администрацијата од Министерството за информатичко општество“ се наведува во реакцијата на синдикатот на клинички.