Иако изминатиов период во Министерството за здравство се сменија неколку министри, отворените прашања на здравствените работници околу платите но и нивниот статус останаа отворени. Од Синдикатот од овој сектор се револтирани бидејќи еднаш им се кажува дека ќе има покачување на платите а потоа дека нема. Претходно заменик министерката Маја Манолева најавила дека ќе има линеарно зголемување на платите за потоа новиот министер Илир Демири да им рече дека зголемување на платите нема да има. Од Синдикатот велат дека доколку останат со истите плати тие ќе бидат пониски и од вработените со најниска сложеност на работа. До ова се случува бидејќи не се усогласени колективни договори со законот за минимална плата. Во случај ако мартовската плата остане иста, најавуваат протести.
„Значи такви аномалии ќе настанат да здравствените работници, здравствениот персонал со средно стручно училиште има помала плата од вработените со најниска сложеност на работа, значи со коефициент 1. Имаме три опции. Протест за време на пауза, втората опција, затворање на поликлиниките и јавните здравствени установи и болници од 11 до 14 часот и третата опција ни е генерален штрајк“, порача Боби Бојчевски.
Покрај ниските плати, здравствените работници се соочуваат и со нивниот статус, односно голем број од нив работат со години без решение а дел од нив дури и без договор за дело.
„Проблемот е долгогодишен дури има луѓе што работат по 13 години на кои што не им е решен статусот, што е многу мизерно за било која професија а не пак, за здравствените професии. Исто, поради многу голем недостаток на персонал ќе влијае врз останатиот персонал кој е веќе под договор на неопределено време бидејќи работните обврски се поделени со тоа што работиме еден за тројца“, вели Кристина Олевска.
За решавањето на статусот на здравствените работници претходниот министер Фатмир Меџити пред Нова година најави дека на над илјада ангажирани со договор на дело ќе добијат трајно вработување, но засега се уште нема ништо.