Ексклузивниот настан „Менаџмент, здравје, убавина“, организиран од Strategic Consulting Services во соработка со EZRA – Здружение за борба против рак на дојка и Evolution by GUAM, на автентичен начин ги обедини највлијателните експерти од три клучни области за човековиот развој.
Настанот се одржа во Ragusa 360 и претставуваше прва национална платформа која ги спои менаџментот на времето, науката и убавината, со цел да ја истакне важноста на балансираниот пристап кон здравиот и квалитетен живот во современото динамично општество.

Преку панел-дискусии, практични сесии и networking, учесниците имаа можност да слушнат визии и искуства од домашни и странски експерти за холистичкиот пристап кон личната благосостојба и успехот. Во фокусот беше значењето на балансот меѓу професионалниот развој и здравиот начин на живот.
Во рамки на трите тематски целини – здравје, менаџмент и убавина – беа обработени теми како: репродуктивно здравје кај жените, кардиоваскуларна превенција, природна козметика, менаџирање на времето, како и балансот меѓу професионалните обврски и личната благосостојба.

„Организирањето ваков настан за првпат во Македонија е од големо значење, бидејќи во време на брзи промени е вистински предизвик да се постигне хармонија меѓу управувањето со времето, здравјето и убавината. Кога овие три столба се во синхронија, не само што постигнуваме резултати, туку живееме свесно и исполнето“, истакна Светлана Карова, сопственичка на Strategic Consulting Services.
Организаторите најавија дека овој настан е само почеток на иницијатива која ќе стане традиција и ќе ја унапреди културата на баланс и хармоничен развој во општеството, со сè поголем фокус на квалитетот на животот.