Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи оствари средба со координаторот на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) во земјава, Емил Крстановски и проектниот координатор Наташа Мечкароска-Силјаноска.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на средбата била потврдена заложбата за натамошна соработка помеѓу Министерството и Меѓународната организација на трудот.

– Во разговорот се направи осврт на клучните предизвици што се решаваат со Програмата за достоинствена работа, создавање на можности за вработување, адекватна заработка и продуктивна работа, стабилност и безбедност на работа, еднаквите можности и третман во вработувањето. Достоинствена работа преку подобрување на управувањето со пазарот и преку создавање повеќе и подобри работни места се приоритетот на кој ќе соработуваат Министерството за труд и социјална политика и Меѓународната организација на трудот, се додава во соопштението.