Некогаш се раѓале и по триста бебиња годишно, а лани само три. Бројот на новороденчиња родени во гинеколошко-акушерското одделение во здравствен дом „Димитар Арсов“ во Крива Паланка во 2017 година е помал од бројката на бебиња кои се раѓале во минатото овде во текот на едно деноноќие.
Ова е реалната состојба која, за жал, трае со години, поради немање специјалисти-гинеколози, педијатри и останати стручни медицински лица во јавното здравство во Крива Паланка, а придонесе за немање редовни породувања во родилиштето.
Сега, тука се вршат породувања само на трудници со итност, односно на случаите каде веќе породувањето е во тек или „in traсtu“, вели д-р. Ацо Младеновски, специјалист гинеколог кој работи во приватно здравство.
– Во породилното одделение годишно се раѓаа околу 300 деца, но редовните породувања прекинаа во 2013 година. Оттогаш годишно се вршат најмногу десетина породувања и тоа во случај кога раѓањето е in traktu т.е. веќе е во тек. Нема доволно специјалисти гинеколози во општината, а јас и мојот колега работиме во приватни здравствени установи. Крива Паланка има квалитетен персонал, специјалисти, гинеколози и хирурзи, но повеќето од нив се пензионирани. Нема искусен кадар кој работи во оваа дејност во јавно здравство, а и не се обучуваат тековно, изјави доктор Младеновски.
Според него, за да функционира гинеколошко-акушерското одделение потребна е комплетна екипа од анестезиолог, трансфузиолог, четири гинеколози, акушерки, анестетичари, инструментарки.
– Нема крвни деривати, ниту медицински кадар, трансфузијата не работи, треба да има четири гинеколози кои ќе покриваат 24-часова работа. Нема нова опрема, а неопходен е и адекватен простор, хируршка сала и породилна сала. Ваков тим нема и не може да се екипира во моментот, па поради тоа, сметам дека времено решение би било да се воведе навремена „тријажа“. Тоа подразбира ред на итност: брзо, и навремено транспортирање на трудниците до најблиските соодветно опремени медицински центри каде може да се врши породувањето, додава доктор Младеновски.
Нагласува дека во иднина не очекува дека ќе има гинеколози во секоја здравствена установа, туку само во региони-регионални центри, додека, како што рече, најверојатно семејниот лекар ќе ја преземе улогата на лекар кој покрај останатото, ќе ја води и бременоста на жените.
Породувања во Крива Паланка најпрвин се вршеле во некогашниот родилен дом, кој се наоѓал на друга локација во градот. Најпрвин родилиштето било лоцирано во т.н Лучка куќа, па подоцна кај старата Спомен-костурница.
Подоцна, во 1958 година е формирано гинеколошко-акушерското одделение во здравствениот дом „Димитар Арсов“. Прв доктор специјалист-гинеколог бил Раде Младеновски, кој почна со работа во 1971 година. Одделението денес го носи неговото име.
Неговата работа ја продолжува и неговиот син, доктор Горан Младеновски, кој е еден до двајцата приватни гинеколози што ги опслужуваат пациентките, не само од Крива Паланка, туку и од Ранковце и Кратово.
– Проблемот е поливалентен, а многу фактори диктираат дали ќе може да се возобнови. По мојата специјализација, од 1998 до 2006 година Одделението работеше интензивно, имавме одличен персонал во јавно здравство, тогаш се опреми и модернизираше ГАК, имаше искусни акушерки, стручњаци-специјалисти, анестезиолог, целиот потребен кадар. Во 2006-та година, први септември, со трансформацијата на државното здравство, јас и колегата преминавме во примарна медицина, приватни матични гинеколози. По ова, не се водеше сметка за обучување нов кадар во јавно здравство, а и многу млади лекари заминаа во западноевропските земји, изјави доктор Горан Младеновски, специјалист-гинеколог.
Посочи дека според здравствената мапа на Министерство за здравство, предвидено е на територијата на Ранковце и Крива Паланка да работат четири гинеколози, еден во Ранковце и три во Крива Паланка, а сега има само двајца.