Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетис, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата.

Од 1 јануари годинава во Европската Унија, стапи на сила забраната за употреба на штетната хемиска материја Бисфенол А или БПА присутна во термичката хартија на која се печатат фискалните сметки, броевите за ред на шалтерите во бројни институции, како и на фискалните ролни во големопродажба. Согласно измени во легислативата оваа забрана ќе започне да се применува, почнувајќи од јули годинава и во соседна Србија, поради утврдената штетност дека истата е канцерогена и предизвикува бројни заболувања, стои во соопштението на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како срцеви заболувања, дијабетис, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата.

Бисфенолот А е една од најкомерцијално достапните хемикалии што се користат во производството на термичка хартија како развивач на бои. Согласно истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто.

Засега во ЕУ забраната подразбира само нејзино исклучување од термичка хартија, односно дека не смее да биде повеќе од 0,02 проценти.

Претседателот на Комората на сметководители Македонија, Драган Митковски апелира надлежните институции, итно да ја стават на дневен ред забраната за употреба на Бисфенол А во термичката хартија, на која најмногу се изложени лица кои се во контакт со фискални сметки преку целиот работен ден, како сметководителите, потрошувачите како и голем број лица кои работат во трговијата особено во малопродажба.

„Препораката на Комората на сметководители е во најкраток рок по примерот на ЕУ да се забрани употребата на штетната хемиска материја Бисфенол А и да се даде рок за државните институции, приватниот сектор, трговските ланци, да може да ги заменат артиклите кои содржат штетни материи со нови кои не ги содржат истите. Како пример, во ЕУ дозволен е таканаречениот преоден рок од шест месеци, производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да започнат да користат термичка хартија на пазарот која не ја содржи оваа хемикалија” истакна Митковски.

Минатата година, Швајцарија стана првата земја во Европа што забрани Бисфенол С (БПС) и Бисфенол А (БПА) да се користат во термичка хартија, откако Федералниот совет гласаше за нивната забрана. Одлуката била одобрена на 7 април, а влегла во сила на 1 јуни 2019.

Дискусиите за БПА започнаа во 2011 година, откако данската агенција за заштита на животната средина објави дека до 80% од сметките на касата во Coop Danmark биле направени од термичка хартија. Веднаш потоа Coop Danmark ги отфрли 12-те групи на супстанции и хемикалии од сопствени производи до крајот на 2017 година, меѓу кои и Бисфенол А.

Препораките на здравствените организации се веднаш по контакт со фискални сметки да се мијат рацете, да не се ставаат сметките во кесите со храна, да не се дозволува децата да доаѓаат во контакт со фискални сметки, а доколку на работно место редовно сте во контакт со фискални сметки да се носат ракавици.

Комората на сметководители на Македонија, верува дека надлежните институции сериозно ќе пристапат во усогласување со Европската регулатива за забраната за употреба на штетната хемиска материја Бисфенол А или БПА во термичката хартија, стои во соопштението.